„Охридскиот рамковен договорот донесе нов дух на водење политики кои градат мостови, а не ги рушат, политики коишто ги сплотуваат граѓаните и не ги делат на патот на кој ја обезбедуваме иднината на нашата земја во заеднички евроатлански
дом заедно со другите народи. Со Охридскиот рамковен договор нашата држава е постабилна и побезбедна, со загарантирана меѓуетничка толеранција и посилна социјална кохезија. Заедно се развиваме како држава во која шансите за благосостојба се еднакви за сите, како членка на НАТО и идна членка на ЕУ“, изјави премиерот Зоран Заев во обраќањето на денешната тематска седница на Владата посветена на 20 годишнината од Охридскиот рамковен договор.
Тој подвлече дека оваа значајна годишнина се совпаѓа и со 30 годишнината од независноста на нашата земја, со 80 годишнината од народното востание и 20 годишнината од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, како наш прв чекор во остварувањето на нашата заедничка цел за членство во Европската Унија.
При тоа ја нагласи посветеноста на актуелната Влада во заокружување на Рамковниот договор со усвојувањето на Законот за јазиците.
„Една од првите приоритети на листата што новоформираната Влада во 2017 година беше заокружувањето на нормативниот дел којшто произлегуваше од Охридскиот рамковен договор и од Амандманот 5 од Уставот на Република Северна Македонија. Тогашната Влада, во која министри беа и поголем дел од овој, актуелен состав на извршната власт, ја исполни обврската која непотребно се одолговлекуваше од
сите претходни влади, и го донесе Законот за употребата на јазиците. Со Законот за употреба на јазиците, како и со сите останати законски измени и подзаконски акти за правична застапеност, се заокружија одредбите од Охридскиот рамковен договор, кој беше потпишан на 13 август во 2001 година и со кој се стави крај на конфликтот и кој беше прифатен како гаранција дека сите прашања од интерес на заедниците во нашата земја ќе се решаваат низ дијалог и низ институциите“, рече Заев.
Охридскиот рамковен договор, додаде тој, стави крај на конфликт кој со себе понесе и жртви, и кој спречи нашата заедничка татковина да стане место на продолжен конфликт и на општество без надеж за мирен живот.
„Сепак, во моменти кога соживотот и меѓуетничката толеранција беа ставени на најголемиот тест, покажавме дека ние проблемите ќе ги решаваме низ институционалниот систем и никако поинаку. Покажавме дека сакаме да живееме сложно и обединетo, да напредуваме сите заедно. И сето тоа беше постигнато во тесно партнерство со Европската Унија, Соединетите Американски Држави, НАТО и ОБСЕ. Денес тоа е и нивна успешна историја што заеднички ја одбележуваме. Со обврските за целосно почитување на принципите на недискриминација, рамноправност и правичност за сите етнички заедници, започна уште позабрзано градењето на Северна Македонија како едно општество за сите на цврсти темели, договорени меѓу сите
етнички заедници и со поддршка на сите граѓани“, истакна премиерот.
Тој нагласи дека Охридскиот рамковен договор, во својата суштина ги има дијалогот, разбирањето и создавањето на пријателска атмосфера како темелни вредности за решавање конфликти и недоразбирања беше насока и за Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. На вредностите на тие договори Северна Македонија направи пресвртница во изградбата на држава според европски стандарди.
„Затоа денес Република Северна Македонија се препознава како заедничко и еднакво општество на сите граѓани. Концепт во кој силно веруваме. Се определивме за политики што ја градат Република Северна Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници. Прифативме дека Македонците, како мнозински народ во нашата земја, имаат одговорност да креираат политики и атмосфера за негување, заштита и унапредување, афирмација и поддршка на употребата на сите останати јазици на припадниците на граѓаните кои живеат во нашата земја. Нашата определба да градиме и негуваме општество еднакво за сите, нашата цел да изградиме граѓанско
општество, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики – е посебноста и суштината на нашето заедништво. Тоа заедништво што се градеше со векови, за нас претставува обврска за нашата заедничка иднина, порача Заев.