Коалицијата предводена од СДСМ на градскиот плоштад во Куманово одржа митинг на кој ја презентираше програмата „План за живот во Македонија“.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев ги поздрави кумановци и истакна дека за пет дена победуваат.
Куманово, рече, една деценија е заборавено од централната власт и вети надомест на се што е изгубено.
„Куманово секогаш беше симбол на соживотот. Се горедам со вас за сполотеноста, за соживотот. Сакам да изразам почит за тоа што Куманово го направи за Македонија на 9 и 10 мај 2015 година. Ова единство и сплотеност, додаде, е нашата енергија, иднина и успех“, рече Заев.
Куманово, потенцира, сега е познато и по Диво Насеље и вети дека вистината за овој настан ќе се обелодени преку меѓународна истрага.
„Граѓаните се сплотени како едно. И соседите и Европа се прашуваат дали е можно Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Бошњаци, Власи, сите заедно во мултиетничка Македонија да застанат заедно. Токму тоа се случува во Куманово“, посочи Заев.
Тој ги обвини опоненетите дека го делат народот.
„Испишуваме заедно историја. Вака сплотени ќе му докажеме на целиот свет дека силата и успехот се во единството, во сплотеноста, во здруженоста, во еднаквоста, во рамноправноста. Ниту еден Албанец не побарал федерализација, туку го бара она што го бара секој граѓанин на Македонија – пари за семејствата, работни места, чесна плата, добро образование, здравство, заеднички живот во Македонија. Да се бориме за повеќе бизнис, за повеќе пари кај секој, за среќа“, рече лидерот на СДСМ.