Акциите на глобалните берзи пораснаа, а доларот зајакна од двомесечниот минимум кон еврото и јенот потпомогнат од силните податоци за вработувањата во САД.
Во средата до 14.40 часот по Гринич, лондонскиот индекс ФТСЕ 100 порасна за 0,6 отсто, на 7.138,92 поени, франкфуртскиот ДАКС 30 за 1,5 отсто, на 11,712,54 поени, а парискиот КАК 40 за 1,4 отсто на 4.815,41 поен, пренесува агенцијата Франс прес.
Вработувањето во приватниот сектор во САД во јануари порасна, што е најнов показател на тоа дека економското заздравување на најголемото светско стопанство тргна
На валутните берзи, еврото ослабе на 1,0756 долари од 1,0797 долари колку што беше во вторникот, фунтата порасна на 1,2637 долари од 1,2576 долари, додека доларот скокна на 113,64 јени од 112,85.
Во САД, одличната квартална заработка на компанијата Епл ја подигна вредноста на акциите на Волстрит, непосредно пред сесијата на американската Управа за федералните резерви (Фед).
Имено, акциите на Епл скокнаа за 5,0 отсто, откако таа компанија пријави рекордни приходи од 78,4 милијарди долари во првото тромесечие поради најголемата продажба на „ајфон“ од кога и да е, од 78,3 милиони единици.
Околу десет минути од отварањето на берзата, индустрискиот индекс Дау Џонс скокна за 0,5 отсто на 19.962,34 поени, широкиот С&П 500 за 0,4 отсто на 2.288,23 поени, а технолошкиот Насдак за 0,8 отсто, на 5.659,32 поени.
Во Азија, токискиот индекс Никеи порасна за 0,6 отсто, хонгкошкиот Ханг Сенг падна за 0,2 отсто, додека Шангајската берза вчера беше затворена поради празник.