Преку објава на „Твитер“, генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер по средбата со претседателот Ѓорге Иванов информира дека меѓуетничките прашања во овој контекст на државата се опасни и контра продуктивни.
„На претседателот Иванов му изразив загриженост за политичката закоченост. Истакнав дека меѓуетничките прашања во овој контекст се опасни и непродуктивни“, напиша Заниер.
Претходно, од кабинетот на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов информираа дека на средбата со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер биле разменети мислења за актуелната состојба во државата и предизвиците со кои се соочува државата предизвикани од политичката, уставната и институционалната криза.
„Во однос на политичкиот аспект, претседателот Иванов истакна дека останува на ставот дека платформата од Тирана треба да биде осудена и отфрлена, исто како и мешањето во внатрешните работи на Република Македонија, кои не помагаат во напорите за добрососедски односи и стабилноста и безбедноста во регионот“, стои во соопштението од кабинетот на претседателот.