Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерите Драган Тевдовски, Горан Сугарески, Аднан Ќахил, Зорица Апостолска и Зоран Шапуриќ, присуствуваа на настан посветен на означување на почетокот на изградба на нова фабрика на компанијата „Мурат Тиџарет“ во ТИРЗ Скопје 2.
Премиерот Зоран Заев во своето обраќање пред присутните гости на настанот истакна дека Македонија се движи во посакуваната насока, дека се зголемува довербата и оптимизмот во македонската економија и дека оваа инвестиција ќе биде 4-та по ред инвестиција на турска компанија во ТИРЗ Скопје 1 и 2.
„Новите инвестиции што ни доаѓаат од пријателска Република Турција за Република Македонија се многу значајни. Во ТИРЗ Скопје 1 и 2 оваа инвестиција ќе биде една од 4-те инвестиции на турски компании. Ние сме многу среќни заради тоа. Интересот за нови инвестиции на турските компании во Република Македонија расте и од тие причини продолжуваме да ја интензивираме и унапредуваме економската соработка меѓу двете земји кои негуваат традиционално долгогодишно децениско пријателство“, порача Заев.
Шахан Гора Тиџарет, директор на„Мурат Тиџарет“, најави дека фабриката ќе почне со работа во 2019 година и ги нагласи очекувањата на менаџментот дека со својата работа оваа компанија ќе придонесе кон севкупниот економски развој на земјата но и на регионот.
Висината на планираната инвестиција изнесува околу 7 милиони евра и првично ќе бидат отворени 300 нови работни места.