Поранешниот француски претседател Никола Саркози е осуден на една година затвор заради нелегално финансирање на предизборната кампања во 2012 година. Казната веднаш е преиначена на носење „алка“ на ногата. Пресудата во париската Палата на правдата е изречена без негово присуство.
На Саркози му се судеше дека го надминал лимитот од 22,5 милиони евра на дури 44 милиони, а дека се било обезбедено преку лажни фактури од фирмата „Бигмалион“, задолжена за организирање на митинг. Саркози е прогласен за виновен што не реагирал на преголемата потрошувачка.
„Никогаш не барал да биде подобро третиран од другите, но нема никаква причина ниту да биде третиран полошо“, порача адвокатот на Саркози, Тјери Ерцог, на изрекувањето на пресудата, најавувајќи веднаш жалба на одлуката на Судот.
На Саркози ова му е втора пресуда оваа година, во два различни случаја. На почетокот на март е осуден на три години затвор, од кои две условно, заради корупција и злоупотреба на влијание, затоа што во 2014 година на судијата на Касацискиот суд, Жилбер Азибер, му понудил помош да добие висока судска функција во Монако, под услов да му даде податоци од истрагата која била отворена против него заради финансирање на првата претседателска кампања во 2007 година, кога победи на изборите. Тоа беше првпат во поновата француска историја да биде осуден еден француски претседател.
Но, Саркози и понатаму е мошне влијателен во десницата, а сите претседателски кандидати од овој табор задолжително одат кај него на консултации. Заради тоа ова се смета за голем удар за француските десничари. Кандидатите за претстојните избори, Гзави Бертан и Валери Пекрес, вчера му дадоа полна поддршка, а го поддржа и крајниот десничар Ерик Замур, истакнувајќи дека судот му се „налакомил на Саркози“.
(Фото: АП)