Последниот Евробарометар покажува дека за граѓаните на ЕУ најсериозниот проблем со кој се соочува светот во овој момент се климатските промени, јави дописничката на МИА од Брисел.
Конкретно, 93 отсто од анкетираните Европејци одговориле дека климатските промени се сериозен проблем, а 78 отсто рекле дека е “многу сериозен“.
Запрашани да изберат најитен проблем во светот помеѓу климатските промени, оштетување на природата и здравствените проблеми предизвикани од загадувањето, мнозинството рекле климатските промени, само четири отсто се изјасниле за загадувањето.
Граѓаните на ЕУ во огромно мнозинство (90 отсто) очекуваат од нивните политичари да донесат конкретни одлуки за намалување на штетните стакленички емисии, додека 87 отсто сметаат дека ЕУ треба да донесе амбициозни цели за употреба на обновливи извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност.
Мнозинство граѓани исто така рекле дека веќе преземаат индивидуални мерки за спречување на климатските промени, но одговориле и дека се потребни структурни глобални промени покрај индивидуалните мерки.
Тие очекуваат пред сѐ од владите да преземат чекори, а на второ место од приватните бизниси и потоа од ЕУ.
Осумдесет и еден отсто од граѓаните на ЕУ сметаат дека чистите извори на енергија треба да добијат поголеми субвенции од државите.
За извршниот претседател на Европската Комисија задолжен за Зелениот Пакт, Франс Тимерманс, резултатите на овој Евробарометар се доказ дека и покрај пандемијата и економските тешкотии, европските граѓани се свесни за ризикот на долг рок кој произлегува од климатските промени и очекуваат од владите како и од приватниот сектор да преземат конкретни мерки.