Македонија со месеци е под блокада. Долгогодишниот моќник Никола Груевски го спречува преземањето на власта од парламентарното мнозинство. Неговата политичка клика и волјата за власт ја претвори земјата во свој заложник.
Судовите, од прв до последен, или од долу до горе, сеедно, како сакате речете, се окупирани. Груевистите-поданици со наметната судска тога на себе контролирано, со сомнителни методи, ја закочија нивната работа. Прават сериозни преседани и воведуваат лоша практика.
Јавниот обвинител се прави при очи-слеп, при здрав слух-глув, а при здрав памет- ЛУД. Како никаде на друго место во светот, исклучувајќи ги можеби Гана, Зимбабве и Уганда, наспроти вообичаеното залагање за ефикасен прогон, тој покажува крајно либерален став и се залага за правата на криминалците.
Претседателот Ѓорге Иванов, верен следбеник на Груевски, идеолошки или можеби приморан заради чичко Ацо и „Титови пионери“, спротивно на Уставот, некогаш амнестираше се од ред, а сега кочничар за формирање на влада. Како да му е мандатот дедовина.
Лопови, лешпери и полтрони, без три дена школо, сосе големите одмори заедно, скриени зад праванот на ВМРО станаа магнати, раководат со институции, командуваат, апсат, судат…. Се наполнија со пари.
А, големи се треба, да знаат, кој се богати на туѓи солзи, никогаш не ќе заплаче од среќа.
Паричникот, велат старите, содржи само пари, ама срцето содржи богатство.
Не расчепија од силување, а ние, навистина не сите, виткавме кичма. Од колевка на цивилизацијата, станавме земја на слуги и хоштаплери
Квазипатриоти и квазидемократи ни ја дотепаа државата.
Во држава во која нема владеење на правото, непочитувањето на унитарноста на државата дојде како јагода на шлагот.
Состојбата се претвори во лудило, а лудилото е системско и тотално.
Накусо речено, импотенција и препотенција измешани во смртна прегратка.
Целата земја од пат-позиција ни премина во мат-позиција. Немаме каде. Или, можеби имаме.
Санкциите за Груевски и неговите луѓе на краток рок нема да донесат излез од компликуваната ситуација.
Тие треба и мора, не како до сега по принципот Курто и Мурто, низ транспарентни судски постапки да ја докажуваат нивната невиност за местењето тендери, рушењето, понижувањата, малтретирањата, затварањата ….
Се обидувам но немам право да заборавам што се се случуваше со мене и со стотици како мене, што се се случуваше со моето семејство и со стотици други семејства.
Груевски, за наша среќа, ни ја намали нашата вредност споредувајќи не со него, но погреши затоа што секој од нас е поинаков и секој од нас е посебен.
Мораме до крај да се пресметаме со фракцијата на Груевски. Да ги ослободиме институциите од партиски влијанија, да го вратиме достоинството на институцијата – ЧОВЕК.
Среќата е благослов, но мораме да ја освоиме. Ако мислиш дека си победен, победен си. Ако мислиш дека не смееш, не смееш. Ако сакаш да победуваш, но мислиш дека не можеш, речиси е извесно дека нема да победиш. Ако мислиш дека ќе загубиш, веќе си загубил.
Мораме да мислиме високо за да се издигнеме. Човекот кој победува е оној човек кој мисли дека може да победи. На крајот на краиштата, животните битки не му припаѓаат секогаш на посилниот и побрзиот човек.
Мораме да се обединиме како никогаш досега во вредностите што го штитат човековото достоинство, што гарантираат еднаквост пред законот и правда за сите, што обезбедуваат економска стабилност на семејствата и безбедносна стабилност на државата.
Мораме да се обединиме во различностите, да се обединиме во надежта дека заедно можеме да успееме.
Заедничката среќа е нашата иднина.