„Граѓаните на Република Македонија цврсто и одлучно ја потврдија својата визија за просперитетна и демократска Македонија. Македонија во која веќе нема место за политичари кои работеле против законите, политичари за кои веќе постојат сериозни индиции дека се вмешани во криминални дејствија и политичари за кои веќе се отворени судски процеси за сторени криминални дела“, рече Енес Ибрахим, од Партија за движење на Турците.
На последните избори, според Ибрахим, над 600.000 граѓани демонстрирале вистинска демократска моќ и го поразиле режимот на Груевски кој, како што вели, се повеќе тонел во мочуриштето на сопствените криминали и злодела.
„Груевски е свесен дека крајот му е дојден и нема веќе простор за никакви маневри. Граѓаните му нанесоа вистински пораз. Тој и понатаму како мува без глава се обидува да ја спаси својата кожа. Но во името на Турците во Македонија, апелирам да се соочи и помири со реалноста и барем во последните денови од својата политичка кариера повеќе да не и наштети на Македонија и нејзините граѓани“, посочува Ибрахим.
Исто така, напомена пратеникот на ПДТ, овие избори не само што биле вистински тест за демократизација и декриминализација на македонската политичка сцена, туку на овие избори граѓаните на Република Македонија докажале дека веќе ништо не може да ја наруши стабилноста и мултиетничката структура на оваа земја.
„Мнозинството Македонци, Турци, Албанци, Бошњаци, Срби, Роми, Власи и на сите други националности се изјаснија за живот во Македонија“, рече Ибрахим.
Тој ги повика сите инволвирани политички структури да ја почитуваат мнозинската волја на граѓаните и да не влегуваат во калкулации кои фаворизираат одредени групи а маргинализираат други заедници. Етничките поделби посочи дека биле минато и секое тргување со волјата на граѓаните ќе вроди аномалии кои се сериозна кочница за иднината на нашата татковина.
„На Македонија и е потребна нова Влада која ги знае и умее да ги реши проблемите на сиге граѓани на Република Македонија, вклучувајќи ја и турската заедница, која во изминатиот период тотално беше запоставена и игнорирана. Партијата за Движење на Турците нема да дозволи да се повтори истото сценарио односно игнорирање на турската заедница. Граѓаните на Македонија одбраа промени, а промените ќе донесат прогрес и светла иднина“, дециден е пратеникот Енес Ибрахим.