Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, на денешната средба со Хојт Брајан Ји, заменик-помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, го осуди политичкото и физичкото насилство и истакна дека единствено преку дијалог мора да се бараат решенија за новонастанатата политичка состојба.
Кабинетот на претседателот соопштува дека Иванов истакнал доколку постои вистинско лидерство од претседателите на парламентарните партии, правната и политичката пречка за определување на мандат за состав на влада се надминливи.
Македонскиот претседател, побара од САД, како стратешки партнери на Република Македонија, да помогнат за пречките да се отстранат и да се овозможи парламентарното мнозинство да го добие мандатот.
Преседаните со кои се воведува практика, а нелегалното станува легално ги поткопува основните демократски принципи, истакнал претседателот Иванов, се наведува во соопштението. Воедно, како што се посочува, Иванов барал од лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека заедно со коалиционите партнери ќе дојдат и ќе обезбедат гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека се ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија.
Платформата од Тирана не може да биде услов ниту, пак, основа за формирање Влада во Македонија – констатираше македонскиот претседател, кој воедно ги повика граѓаните да останат воздржани и трпеливи, затоа што, се посочува, постојат решенија кои треба да се донесат со разум и преку дијалог.