На изборите за влез во германскиот парламент, Бундестагот, закажани за крајот на септември, можат да учествуваат 53 партии, со оглед на тоа дека тие формално ги исполнуваат со законот пропишаните критериуми. Меѓу нив се и две партии од екстремната десница.
Оваа година интересирањето за изборите во Германија е навистина големо, констатира Дојче веле.
До рокот, 21 јуни, во Одборот за сојузни избори пристигнале барања од 87 помали партии и политички здруженија за учество на изборите.
Голема бура во Германија се крена со одлуката да и се допушти на изборите да учествува и десно радикалната партија „Трет пат“, која е „организирана паравоено и е уште подесно од Национал – демократската партија на Германија (НПД)“, рече Карстен Шнајдер, функционер на СПД во Бундестагот.
Таа партија има „неонацистичка и фашистичка идеологија“. Веројатно има намера да се уфрли во системот за финансирање на партии и така да се направи препознатлива во политичкиот спектар. Шнајдер е многу загрижен што партијата ќе биде на гласачките листи на 26 септември.
„Ова е алармантно затоа што бараат пат за во парламент и заедно со хулиганите да излегуваат на улица“, истакна Шнајдер и посочи дека секој глас за оваа партија значи глас против Сојузната Република.
Претседателот на Сојузната изборна комисија, Георг Тил, истакнува дека не му е дозволено да ги преиспитува ставовите на партиите ниту да ја оценува уставноста на „Третиот пат“, или друго некое политичко здружение.
Тој на Твитер напиша дека „неуставноста на оваа одлука може да се утврди само со пресуда на Сојузниот уставен суд“.