Судскиот процес за случајот „Поткуп“, во кој претседателот на СДСМ Зоран Заев е обвинет за барање и примање поткуп од струмичкиот бизнисмен Иван Николов-Сачевалиев, е одложен за 23 февруари.
Одбраната побара изземање на обвинителот од случајот.
Адвокатите на Заев го оспорија застапувањето на јавниот обвинител Владимир Милошевски, а откако него го замени обвинителот Златко Биковски го оспорија и неговото застапување.
Според одбраната на Заев, на Милошовски му е истечен шестмесечниот мандат во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Приложија одлука на Советот на јавни обвинители објавена во Службен весник, според која Милошевски бил привремено распореден во Основното јавно обвинителство за организиран криминал и за корупција на 1 јуни 2016 година до 30 ноември, кога му истекол мандатот.
Поради правната пречка за постапување, судијката Диана Груевска-Илиевска побара десетминутна пауза.
По паузата, наместо судско решение во судницата се појави Златко Биковски, кој во моментов е в.д. раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Појавувањето на Биковски, за одбраната на Заев значеше потврда дека биле во право кога говореле дека Милошевски не смеел да постапува во предметот „Поткуп“, но тие во исто време побараа изземање и на Биковски, бидејќи токму тој, на рочиштето кое се одржа кон крајот на минатиот месец го одби нивното барање за изземање на Милошевски.
Адвокатите го обвинија Биковски дека со неговото постапување вршел злоупотреба на службената положба и овластување.
Одбраната побара изземање на Биковски и пролонгирање на судењето за една недела за да можат да ја подготват одбраната оној момент кога ќе дојде новиот јавен обвинител.
„Со присуството на јавниот обвинител Златко Биковски само се потврдува дека Милошевски е ненадлежен да постапува во овој предмет, но токму Биковски беше тој кој донесе решение со кое го одби нашето барање за изземање на Милошевски. Барам од Златко Биковски да ги заштити моите права, но и да се стави во заштита на законот и Уставот и да назначи друг јавен обвинител да го застапува овој предмет“, изјави Зоран Заев пред судот.
Во случајов остана нејасно зошто како втор судија во петчлениот судечки совет беше судијката Ленка Давиткова наместо судијата Ѓоко Ристов.
Остана дилемата и за тоа зошто сведокот Иво Николов Сачевалиев, кој цело утро беше во судот, не влезе во судницата.