Излижениот раб на пликот со чек за сметка за вода ја запечати судината на Американец од Индијана, обвинет дека извршил низа брутални силувања и упади во куќи во раните 80-ти години, пренесуваат американските медиуми. Благодарение на доказите од ДНК, педесет и деветгодишниот Стивен Реј Хеслер сега ќе биде зад решетки до крајот на животот.
Тој на почетокот на април е осуден на 650 години затвор по две точки од обвинението за силување, девет точки за девијантно однесување, седум точки од обвинението за кражба што резултираше со телесни повреди и една точка за грабеж, според Бред Ландверлен, обвинител на округот Шелби во Индијана.
Судот утврди дека тој извршил повеќекратни сексуални напади при упади во куќи низ областа Шелби, помеѓу 14 август 1982 година и 17 август 1985 година. Според Ландверлен, Хеслер провалувал во куќи среде ноќ, вооружен и со маска на главата, ги врзувал, им се заканувал, сексуално ги злоставувал и ги силувал своите жртви. Една од жртвите е 16-годишно дете.
Во еден случај, на маж му ставил лисици на раце, го врзал и го удирал со пиштол, заради што човекот со месеци бил во кома и заради што цел живот ќе користи инвалидска количка.
Полицијата со години го ловеше виновникот, но со мал успех.
Ландверлен рече дека потрагата по осомничениот и неговото гонење биле отежнати бидејќи претходната група истражители обвинила друг човек, локален жител, за неколку напади во 1983 година. Погрешно обвинетиот маж бил братучед на Хеслер.
Напаѓачот внимавал да не остави никакви докази на местото на злосторството, дури и ги бришел површините по извршените дела. Меѓутоа, детективите во една куќа успеале да ја изолираат неговата ДНК. Иако ДНК во тоа време не се користеше во криминалистичките истраги, виталните докази беа зачувани.
Во 2020 година, истражителите ги предале докази за ДНК во лабораторијата „Парабон Нанолабс“.
Исто како и во претходните случаи на успешно откривање на сторителите, добиената ДНК ја споредиле со огромна количина на генски податоци собрани од комерцијални локации. Нивната анализа укажала на мал број поединци кои потенцијално би можеле да остават ДНК на местото на злосторството, од кои еден бил Хеслер.
За да ги потврдат своите сомнежи, на истражителите им требаше свеж примерок од ДНК од Хеслер. Тоа е добиено од плик кој го лижел за да го залепи и да испрати чек за сметка за вода во него.
„Токму како што и се надеваа, ДНК на пликот се совпаѓа со најдената ДНК од местото на злосторството“, рече Ландверлен.
Обвинителот додаде дека потоа бил земен уште еден примерок од ДНК, директно од образот на Хеслер за да се потврди поврзаноста.
„Стивен Реј Хеслер е еден од најлошите, најопасните, садистички предатори кои што имав задоволство да ги бркам во својата 30-годишна кариера. Тој уживаше во неговите непотребни брутални методи на тероризирање и сексуално мачење на своите жртви“, рече обвинителот Ландверлен.
„Им ветив на жртвите дека мојата цел ќе биде тој да оди во затвор до крајот на животот.“
Хеслер ја негираше вината.