Сириските медиуми ја пренесуваат изјавата на неименуван извор од сириската армија дека жртви на нападот се цивили, меѓу кои и мајка и син.
Во утринскиов напад се погодени локации во градовите Хафех и Масијаф на северозападот на Сирија, а сириската противвоздушна одбрана возвратила, се наведува во извештајот на АП, но без прецизни информации и детали.
Во Масијаф се наоѓа руска база во која се сместени противвоздушни системи С-400.
Сириските државни медиуми ги пренесоа зборовите на неименуваниот извор дека, меѓу останатото, е погодена и една фабрика за производство на пластика, како и тоа дека сириската армија соборила неколку израелски ракети пред да стасаат до своите цели.
Ова е прв израелски напад врз Сирија, откако сириската војска пред две недели гранатираше цели длабоко на територијата на Израел.
Израел во текот на последните неколку години изврши стотина ракетни удари на воени цели во Сирија поврзани со Иран, но официјален Ерусалим ретко кога ги признава таквите операции.
(Фото: ЕПА)