Политички неодговорна е изјавата на Зоран Заев, оцени руската амбасада по денешната изјава на првиот човек на владата дека руски бизнисмени потплатиле „Комити“ да протестираат во Македонија.
„Изјавата на Заев ја става под прашање искреноста на заложбите на Владата на Македонија за градење добри односи со Русија. Со жалење констатираме дека русофобијата сè повеќе станува алатка во надворешната, а и во внатрешната политика, се вели во реакцијата на руската амбасада во земјата, објавена на нивниот официјален профил на „Твитер“.
Реакцијата на руската амбасада следи откако Заев изјави дека членовите на навивачката група „Комити“, кои беа приведени во јуни за време на протестите пред Собранието против договорот со Грција, во полициска станица рекле дека руски бизнисмени давале пари и затоа тие излегле на улица.