Цената на биткоинот утринава падна на тримесечниот минимум, а падот се случи затоа што инвеститорите ја продаваа криптовалутата откако извршниот директор на компанијата „Тесла“, милијардерот Илон Маск неодамна најави дека производителот на автомобили размислува да продаде дел од своите биткоини.
Тој вчера на Твитер објави дека компанијата „Тесла“ сепак не продала ниту еден биткоин.
Маск веќе неколку пати ги поттикнуваше пазарите со криптовалути со своите ентузијастички изјави на социјалните мрежи, но во последно време, се чини, „се олади“ во врска со биткоинот во корист на доџкоинот, пишува Ројтерс и додава дека таа приказна почнала да ги плаши трговците.
„Ова преминува од ‘страв да не се отсуствува’ во ‘страв да не се излезе на време’, па гледаме дека многу луѓе се ослободуваат од криптовалутата“, изјави за британската агенција Крис Вестон од брокерската куќа „Пеперстоун“ во Мелбурн.
Биткоинот денеска падна за повеќе од девет проценти, на 42.185 долари, што беше најниска цена од 8 февруари, додека етереумот падна дури и повеќе, на 3.123,94 долари. Доџкоинот ослабе речиси седум отсто, на 0,48 долари, а сите три криптовалути беа далеку под неодамнешните рекордни вредности.
Да потсетиме, Маск во средата најави дека компанијата „Тесла“ може да престане да ја прима криптовалутата биткоин, заради загриженоста за животната средина поради големата потрошувачка на енергија при обработката на трансакциите.