Голем дел од американската јавност, според најновите анкети, бара одговорност од новиот претседател Доналд Трамп за потегот кој го повлече уште во првите денови од неговиот престој во Белата куќа.
Дури 40 отсто од Американците се против уредбата за миграција, подигнување ѕид и други одлуки кои испитаниците ги оценуваат како „неамерикански“ и „фобични“, а во истото истражување се наведува дека 12 отсто „уште не се сигурни“.
Исто така, во медиумите се погласно се споменува зборот „импичмент“, односно постапка за отповикување на претседателот во Конгресот на САД. Постои и интернет страница ImpeachDonaldTrumpNow.org на која до сега 600.000 луѓе потпишале петиција за отповикување. Се споменува дури и дека импичмент би можел да биде покренат веќе во март месец.
Како главна причина за отворање на постапка за импичмент се наведува, навистина за сега декларативно, одбивањето на Трамп да ги почитува одлуките на судот во врска со запирањето на претседателскиот указ за мигрантите, пишува „Вашингтон пост“, кој побара и мислење од правни експерти, а тие се единствени во оценката дека претседателот нема право да не ги почитува одлуките на судот и дека е тоа доволна причина за подигнување процедури за отповикување.
Да потсетиме, судијата на Федералниот окружен суд Џејмс Робарт практично го поништи претседателскиот указ за мигрантите, а Трамп веднаш на тоа почна да фрла со дрва и камења на Твитер каде што дури Робарт го нарече „таканаречен судија“, а неговата одлука „смешнотресна“.
Трамп го критикуваше системот во кој „некој судија“ може да ја укине одлуката на претседателот која се однесува на внатрешната безбедност.
Шефот на Белата куќа ги обвини судијата и судскиот систем за идните непријатности во врска со неговата одлука.
Во историјата на САД се воделе само три процеси за импичмент: во 1868 година против претседателот Ендру Џонсон, поради тоа што го сменил секретарот Едвин Стантон, со што го прекршил Актот за мандатите на службениците, сто и шест години потоа, во 1974 година против претседателот Ричард Никсон поради обидот за забошотување на аферата „Вотергејт“, и во 1998 година против тогашниот претседател Бил Клинтон поради скривање на вонбрачна афера.
Клучниот тест за демократијата, пишува „Вашингтон пост“, е дали луѓето на високите позиции можат да го кршат законот и да не бидат за тоа казнети. За демократијата во САД, најголема опасност е тоа да го прави претседателот на државата.
Член 2, став 4, од Уставот на САД гласи: „Претседателот, потпретседателот и сите цивилни службеници на Соединетите држави, ќе бидат отстранети од своите функции после Импичментот и осудата за: предавство, корупција или други високи злосторства и прекршоци.“
Импичмент резолуциите, кои ги креираат членовите на Претставничкиот дом, се предаваат на Правосудниот комитет, а тој одлучува дали резолуцијата и нејзините обвиненија на сметка на претседателот ќе одат на гласање за отпочнување на формална истрага.
Двата дома гласаат, за или против, истрагата за импичмент. Неопходно е само просто мнозинство, за да се покрене процедура.
Ако истрагата е одобрена, Правосудниот комитет спроведува истрага за да утврди дали постојат довоно докази кои би ја оправдале примената на членовите за импичмент против претседателот.
Комитетот потоа донесува Нацрт на членовите за импичмент, кои се однесуваат на обвиненијата кои се поткрепени со докази. Комитетот гласа за секој член за импичмент посебно, за да се утврди дали треба да се проследат во Претставничкиот дом на гласање.
Ако Претставничкиот дом одобри барем еден од членовите за импичмент, претседателот технички е отповикан и целиот процес стапува во надлежност на Сенатот. Претставничкиот дом тогаш именува пратеници во Конгресот да дејствуваат како обвинители.
Судењето на претседателот се одвива во Сенатот. Со процесот претседава врховен судија од Уставниот суд на САД. Претседателот има право на бранител по свој избор. Може да присуствува лично или да ја препушти својата одбрана на адвокати.
Откако ќе бидат сослушани сите докази и завршните зборови, Сенатот расправа зад затворени врати, потоа гласа на јавна седница дали да го осуди или ослободи претседателот.
За да се осуди претседателот потребно е двотретинско мнозинство, односно 67 сенатори. Ако се случи тоа, претседателот се отстранува од функцијата и го наследува потпретседателот.
Одлуката на Сенатот е конечна и за неа не постои право на жалба.