Руската служба за надзор во сферата на комуникацијата, информатичките технологии и медиуми (Роскомнадзор) бележи редовна цензура на администраторите на видео-платформата „Јутјуб“ против содржините кои се објавуваат на профилите на руските медиуми.
„Филмовите кои се емитувани на руските федерални канали и не содржат старосно ограничување, според мислењето на администраторите на ‘Јутјуб’ можат да бидат достапни само на полнолетни гледачи“, соопштија од „Роскомнадзор“.
Руската служба истакнува дека „Јутјуб“ ги блокира снимките кои им пренесуваат на гледачите став поинаков од оној кој е прифатен на Западот.
„Снимките кои зборуваат за вистината за историскиот придонес на Русија во победата над фашизмот, за трагичните случувања во Беслан, се блокираат под измислени изговори. Блокирањето на обраќањето на претседателот на Русија на официјалниот профил на НТВ, ‘Јутјуб’ го објасни како случајна грешка“, се наведува во соопштението.
Според податоците на службата, „Јутјуб“ во 2020 година девет пати го ограничил пристапот на профили на руски медиуми и три пати на нивни објави, а за четири месеци годинава блокирани биле три профили и пет објави на руски медиуми.
Претходно, „Роскомнадзор“ побара од социјалната мрежа „Инстаграм“ да го укине ограничувањето за репродукција на руската химна.