Европската централна банка потврди денес дека ќе го намали купувањето на обврзници на крајот на годината, повторувајќи дека ќе истрае во зачувувањето на поволните услови на финансирање во еврозоната и ако инфлацијата накратко ја премине предвидената стапка.
Поволните услови за финансирање можат да се зачуваат и со помал износ на купување на хартии од вредност во рамки на кризната пандемиска програма отколку во второто и третото тримесечје, истакнуваат од ЕЦБ.
Намаленото купување на обврзници беше најавено на седница на почетокот на септември годинава.
Од банката повторија дека кризната програма со вкупна вредност од 1850 милијарди евра ќе остане на сила минимално до крајот на март следната година, односно додека не заклучат дека кризната фаза од пандемијата е завршена.
Европската централна банка паралелно купува обврзници за 20 милијарди евра месечно во рамки на стандардната програма која е покрената после должничката криза за поддршка на економијата и ниската инфлација.
Пандемијата дополнително ги закочи цените во минатата година, но вакцинирањето на граѓаните, ублажувањето на ограничувањата и отварањето на економиите ја ослободија во меѓувреме побарувачката и инфлацијата во еврозоната ги премина планираните два отсто, достигнувајќи во септември 3,4 отсто, највисока стапка во последните 13 години.
ЕЦБ денес, и покрај тоа, ја задржа негативната каматна стапка на депозитим од минус 0,5 отсто, и клучната каматна стапка од нула отсто, повторувајќи дека ќе остане на тоа се додека инфлацијата не достигне два отсто, значително пред крајот на 2023 година, и не се задржи на тоа ниво.
„Тоа би можело да го вклучи и преодниот период во кој инфлацијата би била умерено над планираната стапка“, ја повторија септемвриската напомена.
Инфлацијата доминирала во расправата во Управниот совет на ЕЦБ, призна претседателката Кристин Лагард на конференцијата за новинари.
Моторот на растот на цените се еднократните фактори, вклучувајќи го поскапувањето на енергенсите, разликата меѓу понудата и побарувачката во заздравувањето од корона – кризата и враќање на стапките на данокот во Германија на предпандемиско ниво, објасни Лагард.
„На инфлацијата ќе и треба повеќе време да попушти отколку што се очекуваше, но очекуваме дека тие фактори ќе ослабат во следната година“, нагласи шефицата на ЕЦБ.
„И понатаму проценуваме дека инфлацијата среднорочно ќе биде под планираните два отсто“, заклучи Лагард.
И Меѓународниот монетарен и финансискиот одбор, кој го сочинуваат министрите за финансии и гувернери од централните банки од 190 земји – членки на ММФ, оцени на средина на овој месец дека инфлаторните притисоци се од „времен карактер“ и дека ќе ослабат кога состојбата во економијата ќе се нормализира и дека централните банки можат да ги занемарат.