„Собранието има клучна улога во процесот на евроинтеграција на земјата. Потребно е што поскоро да се надмине блокадата за тоа да стане функционално“, порачаа меѓу другото, европратениците на денешниот 18. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Македонија и ЕУ кој се одржа виртуелно поради Ковид пандемијата.
На отворањето на виртуелниот состанок се обрати Андреас Шидер, кој истакна дека ЕП традиционално целосно ја поддржува стратешката определна на Македонија за членство во Европската унија, за што земјата посветено работи на ЕУ-реформите и на надминување на проблемите со соседите.
„Постојано повикуваме на членките на Унијата да ја почитуваат оваа посветеност и покажат политичка волја која би му овозможила на Советот конечно да ја одобри преговарачката рамка и така да овозможи одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија, што ќе ја потврди кредибилноста и објекетивноста на пристапниот процес“, рече Шидер, кој доаѓа од групата на социјалдемократите.
Тој порача Македонија да продолжи со стабилните чекорења во насока на спроведување на реформите од ЕУ-агендата и покрај пречките создадени од ковидпандемијата, кои се вели во интерес на сите граѓани на земјата, при што нагласи дека клучен е консензусот. Ја поздрави реформата во правосудството, високиот процент на жени во Парламентот, како и потребата од имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во делот на изборната реформа, ја нагласи важноста од усвојување на регулативата во однос на енергетската транзицијата, а посебно спроведувањето на пописот.
„Македонија по повеќе од 19 години започна со спроведување на пописот на населението и домаќинствата. Силно ја охрабруваме оваа статистичка операција која треба да се одржи на конструктивен начин со почитување на европските стандарди и регулатива. ЕП ја поздравува поддршката на Евостат на Државниот завод за статистика на Македонија“, рече Шидер.
Пратеникот Биљал Касами, во својство на копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет – Македонија и Европската Унија, истакна дека овој интерпарламентарен дијалог е важен за нашите реформи и за постигнување на европските стандарди.
Касами се заблагодари на континуираната поддршка од ЕП за нашата европска перспектива, ја истакна посветеноста на Владата во клучните реформски области, кои, како што нагласи, придонесоа за добивање зелено светло лани во март од ЕС за старт на преговорите, но рече, за жал, стоиме во место поради спорот со Бугарија, за билатерално прашање кое не е дел од акито на ЕУ.
„Веруваме дека Договорот за добросоедство од 2017 година е добра основа за надминување на разликите. Се надеваме дека по изборите на 4 април во Бугарија контактите ќе се интензивираат и со рационален пристап ќе можеме повторно да стекнеме доверба и да најдеме начин да ги отвориме вратите за пристапниот процес. Ги прифаќаме модификациите на пристапниот процес кои го прават поефикасен и израз на постигнувањата на секоја земја поединечно. Потребна ни е јасна европска перспектива, јасна временска рамка и методологија за идните преговори. Преговорите за членство треба да зависат од реформите и постигнувањето на европските стандарди, билатералните преговори не треба да бидат дел од преговарачката рамка“, порача Касами.
Тој нагласи дека по изборите во Бугарија очекува јасен патоказ од ЕУ институциите за почеток на преговорите со Македонија и одржување на меѓувладината конференција, и дека секое пролонгирање може да доведе до пораст на евроскептицизмот и сериозни да и наштети на земјата.
Во однос на „Жан Моне“ дијалогот, тој рече дека новиот парламентарен состав веќе одржал состанок и договорена е методологијата на работа и динамиката. Се заблагодари за помошта на ЕУ за надминување на предизвиците наметнати од ковидпандемијата и за макроекономската поддршка, но сепак, рече, она што недостига е европската и глобалната солидарност во правична распределба на вакцините, која ќе гарантира дека сите земји без оглед на големата ќе имаат еднаков пристап до ограничените ресурси.
Од име на ЕУ се обратати Ѓеновева Руиз Калавера, директорка за Западен Балкан, Генерален директорат за соседство и преговори за проширување, во име на Европската комисија која истакна дека Собранието има клучна улога во евроинтеграциите и повика на функционалност на сите партии. Изрази загриженост во врска со блокадата на Собранието и повика на нејзино разрешување што е можно побрзо.
Калавера посочи, меѓу другото, на неопходноста од земјите да одржуваат добрососедски односи. Сите билатерални договори, пред се договорите со Грција и Бугарија мора да бидат имплементирани од сите страни во добар дух, а Скопје и Софија, рече, мора да ги удвојат напорите за наоѓање заемно прифатлив договор.
„Европската комисија продолжува да ја поддржува Македонија во процесот на пристапување за членство во ЕУ, рече Руиз Калавера кој потсети и на помошта која ЕУ ја одвои за земјите во регионот да се справат со последиците од пандемијата на Ковид-19 во висина од 226 милиони евра за набавка на опрема, за помош на компаниите и за граѓаните од ранливите категории.
Тимчо Муцунски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ истакна дека како партија се посветени на ЕУ-интеграцијата за што потвда е поддршката на закони од ЕУ-агендата.
Во однос на забелешките дека е потребна кохезија во Парламентот кога е во прашање поставувањето на националните приоритети, тој посочи на успехот постигнат со денешниот консензус од сите парламенатрни партии во Собранието за економските мерки поврзани со ковидпандемијата. Фокусот на работата на Собранието, нагласи, ќе биде на законите во клучните реформски области.
„Како главна опозициска партија целосно поддржуваме одржување што
е можно поскоро на меѓувадината конференција и почеток на
преговорите базиран на принципите на ЕУ. Тоа ќе испрати многу силна
порака на проевропските сили во Македонија и во регионот“, рече
Муцунски.
Дебатата од страна на европратениците го одрази истото расположение кон Македонија, како и дебатата на ЕП на која денеска се расправаше и се донесе Резолуцијата за Македонија.
Во дебатата меѓу пратениците од ЕП се вклучи и Ирена Јовева, европратерничка од Словенија со македонско потекло, која го оцени како срамно вето од Бугарија за стартот на преговорите со Македонија и се согласи со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров кој изрази жалење за неусвојувањето на амандманот „за провокативното однесување на Бугарија“ на Резолуцијата на ЕП за Извештајот за напредокот на С.Македонија и праша зошто не е можно решавњето на билатералните прашања да се одвива паралелно со преговарачкиот процес.
„Процесот на пристапување во ЕУ не треба да биде киднапиран од билатерални прашања. Ова не е нешто што го измислуваме или морализираме за нешто, туку тоа е содржано во актите. Зошто дозволуваме ова да се случи? Не можат ли двете земји да ги решат нивните проблеми и паралелно да преговараат. Можат и треба да го направат тоа, оти граѓаните се тие кои најмногу страдаат од неодржаните ветувања. Ние како европратеници сме тука да помогнеме колку што можеме. Сугурна сум дека зборувам од името на многу пратеници кога велам дека се срамам од она што се случува со години со патот на Македонија кон ЕУ. Но да не завршувам со песимизам. Земјата ја чека долг пат кон ЕУ, но ве уверувам ќе направиме се за заедно да ја надминеме оваа последна нефер пречка“, рече европратеничката Јовева.