Премиерот на Италија, Матео Ренци, вечерва поднесе оставка, соопштија од канцеларијата на италијанскиот претседател Серџо Матарела.
Ренци оставката му ја предал на претседателот на Италија, кој го замолил да остане на чело на преодната влада додека траат консултациите со партиите, се наведува во соопштението.
Консултациите ќе почнат утре после пладне и најверојатно ќе завршат во сабота.
После консултациите, се очекува дека Матарела ќе го праша некој од кабинетот на Ренци или политичар од неговата демократска партија да се обиде да формира нова влада.
Парламентарните избори во Италија би требало да се одржат во 2018 година, но многу политичари се залагаат за нивно одржување пред овој термин.
Ренци ја поднесе оставката, веднаш откако италијанскиот парламент го усвои буџетот за 2017 година.
Тој во понеделникот навечер ја понуди оставката на италијанскиот претседател Серџо Матарела после поразот кој го претрпе во неделата на референдумот за уставните промени кои ги предложи, но на молба на претседателот времено го одложи тоа за да се спречи, во услови на недонесен буџет за следната година, на 1 јануари да стапат на сила вонредни финансиски прописи.