Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, изјави дека неговата земја може да биде принудена да започне воени операции во Украина, бидејќи Белорусите во таа земја „трпат малтретирање“. Лукашенко тврди дека белоруски државјани се заробени и тепани во Украина и дека тоа може да го принуди Минск да донесе одлука за специјални операции за нивно ослободување.
Тој истакна дека во Украина нема белоруски војници или оружје, бидејќи на Русија не и е потребна таква помош за нејзината воена интервенција. Тој вели дека Белорусите биле заробувани на територијата на таа земја и биле подложени на претепување и физичко измачување.
„Таму нема наши војници. Вчера му кажав на претседателот на Франција, Макрон, за тоа. Му реков дека таму нема ниту еден војник… нема белоруски куршуми“, рече Лукашенко.
„На Русија тоа не и треба“, нагласи белорускиот лидер.
Како што наведе, конфликтот што избувна во Украина може да се влоши и затоа војната мора да се прекине.
„Конфликтот што избувна во Украина не е ништо. Верувај ми, знам што зборувам. Ако продолжи вака, ќе биде многу полошо. А тој (Зеленски) нема да се крие во ниту еден бункер – ниту во американскиот, ниту во кој било друг. Затоа денеска мора да се прекине војната“, истакна Лукашенко.
Лукашенко потврди дека ракетите лансирани од територијата на Белорусија биле лансирани на позиции во Украина, но дека тоа е принуден чекор. Според белорускиот лидер, на украинската страна, на неколку километри од границата со Белорусија, биле распоредени ракетни баталјони, подготвени да ги нападнат руските позиции за неколку минути.