Руската амбасада во Авганистан потврди дека разгледува организирање на чартер летови и евакуација на своите граѓани од Авганистан.
„Правиме планови како да ги извлечеме на безбедно државјаните на Русија, но патем и да им помогнеме и на другите“, се наведува во соопштението на руската амбасада во Кабул.
Од амбасадата стигна потврда дека авион на компанијата „Утер“ денеска стигнал во Кабул од Москва, но и дека не планирала евакуација со тоа летало.
„Авионот на ‘Утер’ којшто стигна во Кабул не е предвиден за транспорт на руски државјани. Го закупи мисијата на Обединети нации за помош на Авганистан и колку што сме информирани со него ќе се спроведува ротација на персоналот. Форматот на нивната мисија е променет во хуманитарен и потребен им е нов персонал. Тие ќе продолжат со работа во Кундуз, во Џалалабад и во Кандахар“, соопштија од амбасадата на Руската федерација во Кабул.