Земјоделците-возачи на трактори од кумановското село Табановце добија рефлексивни налепници со кои ќе бидат повидливи на патиштата за останатите учесници во сообраќајот, a со тоа и побезбедни. Активноста се реализира во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, општинскиот совет за безбедност во сообраќајот и отсекот за превенција од СВР Куманово.
-Денеска сме во Табановце, претходно бевме во Умин Дол. Наредните денови продолжува кампањата во руралните средини за безбедно учество на земјоделската механизација на патиштата. Возачите на трактор се меѓу најранливите во сообраќајот.
Апелираме до останатите учесници да ги почитуваат правилата, да имаат повеќе трпение за возачите на трактор кои ги користат регионалните патни правци за движење до нивите. Исто така апелиравме до возачите на трактор, особено да внимаваат на правилата и прописите, за нивна и безбедност на останатите учесници во сообраќајот, изјави секретарот на општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, Бојан Петковски
Полицијата и припадниците на советот за безбедност во сообраќајот одржаа кратки едукативни предавања за безбедно учество во сообраќајот на трактористите во руралните подрачја во кумановско.
Тие нагласија дека механизацијата мора да е во исправна состојба и да внимаваат при вклучување од нивите на патиштата. Земјоделците се свесни за застојот којшто го предизвикуваат во сообраќајот и велат дека секогаш кога е можно оставаат доволно простор безбедно за безбедно престигнување.