Кандидатот на демократите на претседателските избори во САД, Хилари Клинтон го обвинува „руското хакирање“ за поразот, тврдејќи дека тоа е дел од долготрајна стратегија на рускиот претседател Владимир Путин да ги дискредитира основните начела на американските власти.
„Лично Путин раководел со тајните хакерски напади против нашиот изборен систем, нашата демократија, затоа што очигледно негува анимозитет кон мене“, изјави Клинтон во Њујорк.
Според нејзините зборови, руското мешање во изборниот тек во САД претставува „лична освета“ на Путин за нејзините обвиненија изречени во 2011 година кога била државна секретарка и кога ја обвинила Русија за неправилност и местење на резултатите од парламентарните избори во таа земја.
Претседателот во заминување Барак Обама изјави дека САД ќе превземат мерки против Русија поради нејзиното мешање во изборите, што Кремљ го демантира.
Обама во интервју за Ен-Пи-Ар њуз изјави дека САД „ќе превземат акции“ против секоја влада која се меша во внатрешните прашања на земјата.
Новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп, пак, го опиша неодамнешниот заклучок на Централната разузнувачка агенција (ЦИА) дека Русија е вмешана во американските претседателски избори како „смешен“, наведувајќи дека демократите тоа го користат како „уште едно оправдување“ за изборниот пораз на Хилари Клинтон.
ЦИА минатата недела заклучи со големо уверување дека Русија интервенирала на овогодинешните американски претседателски избори за да победи Трамп.