Интернетот започнавме да го гледаме како нешто што е секогаш достапно, има цел океан од информации кои не можеме ниту да почнеме да ги совладуваме самостојно, сепак, има простор за наше учество во него и оставање белег во дигиталната историја.
Но, тоа е само почеток. Со најновите (сеуште рудиментирани) платформи за Интернет на нештата, тој ќе стане апсолутно присутен во секое ќоше од нашите животи – од домашните уреди, преку автомобилите и јавниот транспорт, до воведувањето на виртуелна реалност, па можеби дури и до негово „будење“ и станување самосвесен.
Некои компјутерски научници сметаат дека ваквото експлозивно ширење на Интернетот и неговите способности ќе предизвикаат значително зголемување на потрошувачката на енергија во светот која ќе ги достигне крајните граници и ќе предизвика негативни последици. Според научници од Унверзитетот од Ланкастер, Интернетот сега користи 5% од светската енергија, но се очекува да достигне дури 20% до 2030 г. Тоа е цела петтина од севкупната енергија, што е огромно количество, секако.
Според нив, постојат природни граници на користење на енергија кои луѓето и машините можат да ги постигнат на Земјата. Штом се достигне одредено големо ниво на употреба на електрична енергија, тоа ќе стане проблематично. Нивниот предлог е да се разгледа воведување на ограничувања во брзината на Интернетот што ќе предизвика намалување на брзината на неговото ширење.
Сепак, тие не успеваат да објаснат како воведување на уште едно светско бирократско чудовиште (на пример, документ при ООН) би бил поефикасен, отколку да се остави пазарот самиот да ги регулира овие работи. Имено, во случај кога искористеноста на електрична енергија ќе стане проблематична, цената на енергија во тој сектор ќе стане повисока и со тоа ќе се намали побарувачката. Така проблемот ќе се реши сам.
Секако, не се смета дека за сите проблеми слободниот пазар е единствено решение, бидејќи тој може да предизвика и нивно зголемување, кои немало да се случат со регулација. Сепак, тој, пазарот и неговите законитости, најчесто се најдоброто решение за сите сложени проблеми и предизвици кои луѓето ги имаат низ историјата.
Извор: TechRadar