„Главен приоритет по преземањето на локалната власт ни беше да го вратиме наследениот долг од 76 милиони денари на основниот буџет. И ако пред девет месеци стравувавме за начинот на негово сервисирање, денес гордо можеме да кажеме дека преку политиката на контрола на сите трошоци, финансиски ја консолидиравме Општината. Во моментот Кочани е една од ретките општини во регионот без долгови со салдо на сметката што е незамисливо за годините пред нас, истакна градоначалникот Николчо Илијев на свечената седница на Советот, на која реферираше за сработеното во изминатиот период.
Разрешувањето на задолженоста, рече, се случува првпат по скоро една деценија работа на локалната самоуправа.
Преку строга контрола на трошоците, посочи Илијев, од планираните 11 улици за 2018 година, со ист паричен износ во моментот се градат 16 улици во сите населени места и во градот Кочани.
Посебен акцент градоначалникот стави на владеењето на правото, како една од основните заложби на оваа локална власт, а во делот на инспекциските служби најави зајакнување, се со цел да може соодветно да се одговори пред законите и прописите.