Актуелниот европски првак Реал со победата на гостувањето кај Наполи од 3-1 (вкупни 6-2), се пласираше во четврт-финалето на Лигата на шампионите
Серхио Рамос погоди во 52-та и во 57-та минута, во двата наврати, со удари со глава, по изведените корнери на Тони Крос, откако претходно Наполи поведе преку Дрис Мертенс во 24-та минута.
Резервистот Алваро Мората го постигна третиот гол за гостите во судиското продолжение на мечот.
Капитенот на кралскиот клуб, Рамос, стигна до 10 гола во сите конкуренции сезонава (вкупно 81 во кариерата, во клупска и во репрезентативна конкуренција), со што е поефикасен од, на пример, крилниот напаѓач на Реал, Герет Бејл, кој има девет погодоци.Рамос, сезонава, е поубоит и од други познати офанзивни играчи како што се, Џејми Варди (девет гола) и Ријад Марез од Лестер (осум), Марио Манџукиќ од Јувентус (седум), Димитри Паје од Марсеј (шест), Томас Милер од Баерн (пет)…
Мошне интересно е што искусниот дефанзивец се запишува во листата на стрелците кога е најпотребно. Последните седум погодоци во ЛШ, Рамос ги постигна во нокаут-фазата.
Пласман меѓу најдобрите осум екипи во елитното натпреварување обезбеди и Баерн, кој вечерва го совлада Арсенал со 5-1 на гости, за вкупен триумф од 10-2 во двомечот од осминафиналето.
Утре се играат дуелите Барселона – ПСЖ (прв меч 0-4) и Борусија Дортмунд – Бенфика (0-1).