Амбасадорот на Русија при Обединетите нации изјави дека сите воени акции во источен Алепо се завршени и дека сириската војска повторно воспоставила контрола над подрачјата кои ги контрорирале бунтовниците.
Виталиј Чуркин тоа го рекол при крајот на итно свиканата седница на Советот на безбедност на ОН, пренесува АП.
„Според последните информации кои ги примивме во последниот час, воените акции во источен Алепо се завршени“, рекол Чуркин.
Рускиот амбасадор навел дека сириската влада воспоставила контрола над источен Алепо.
АП наведува дека во овој момент не може да потврди дека борбите престанале или дека бунтовниците се предале.
Чуркин претходно изјави дека е постигната спогодба според која бунтовничките борци требало да го напуштат сирискиот град Алепо околу кој се водат борби, но дека тој договор не се однесува на цивилите.
„Мојата последна информација е дека навистина е постигнат договор на теренот според кој борците ќе го напуштат градот“, им рекол Чуркин на новинарите и додал дека примената на договорот би можела да се случи „можеби во следните неколку часа“, пренесе Ројтерс.
Чуркин го изнесе тврдењето дека руски воени официјални лица кои се во Алепо „не забележуваат какво било кршење на меѓународните права“.
„Спогодбата се однесува на заминувањето на борците. Цивилите можат да останат, можат да одат на безбедни места, можат да ги искористат хуманитарните аранжмани кои се спроведуваат на теренот. Никој нема да ги повреди цивилите“, рекол рускиот амбасадор при ОН.
Во Алепо мирно, нема детонации после примирјето
Во сирискиот град Алепо вечерва е мирно, запреле бомбардирањата и повеќе од еден час не се слушаат детонации, откако е постигнат договор за примирје, наведуварепортер од агенцијата Ројтерс, што судејќи според се значи крајот на борбата.
Бунтовниците малку пред тоа се договорија со сојузникот на Дамаск, Русија, дека двете страни ќе престанат со борбите непосредно пред евакуацијата на бунтовниците и цивилите од последните преостанати квартови на Алепо, кои ги држи опозицијата, а која треба да почне вечерва, наведува Ројтерс.