Охридската полиција поднесе кривична пријава за градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, и за секретарот на Општината, Александар Китески, кои што по тестирањето за ковид-19, наместо во самоизолација, присуствувале на манифестацијата по повод верскиот празник Богојавление, одржана во Охрид.
Пријавените, информираат од Министерството за внатрешни работи, на 19.01.2022 година се тестирале за дијагностицирање на корона вирус и, спротивно на одлуките за превентивни препораки за заштита на здравјето на населението од заразната болест, наместо во изолација, истиот ден, биле меѓу оние кои го следеле фрлањето ка крстот во Охридското езеро.
„Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело – непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, СВР Охрид до надлежното обвинителство поднесе кривична пријава против К.П.(37) и А.К.(37), двајцата од Охрид“, стои во соопштението од МВР.
Пецаков веќе изјави дека не се изолирал оти се тестирал заради одење на зимување во Банско, Бугарија, а по два дена го повторил тестот и добил негативен резултат, но и покрај тоа го почитувал добиеното решение за изолација и не заминал никаде.
Китески, пак, кој се тестирал заедно со градоначалникот и добил прво позитивен резултат, а подоцна и негативен, изјави дека некој со сила ги направил „позитивни“. Тој се сомнева оти првите тестови им биле подметнати.