Здружението „За нас се работи“ од Битола денеска до битолското Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против седуммина директори и раководители на „Електрани на Македонија“ и на РЕК Битола поради сторено кривично дело – загадување на животната средина и на природата.
Битолските екологисти пријавата ја поднесоа против Христијан Мицкоски, генерален директор на ЕЛЕМ, Иван Куковски, директор на РЕК Битола, Тони Паспаловски, директор за развој и за инвестиции во комбинатот, Панде Петковски, директор на рудници, Симо Атанасов, раководител на отпепелување на РЕК Битола и против Лидија Поповска, одговорно лице на ХТВ-лабараторија.
Седуммината се сомничат дека во периодот од 2010 година до денес на сопствената депонија, која се наоѓа во непосредна близина на РЕК Битола, во село Новаци, при одложување на отпадот во вид на пепел и на згура, несовесно и со непреземање мерки за заштита на животната средина не го спречиле проширувањето на радиоактивниот отпад, при посилен ветер, низ Пелагониската Котлина и низ поблиските села.
Со ова, според наводите во пријавата, тие ги загадиле воздухот, водата и почвата и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето, иако „знаеле дека одлагањето на пепелта се врши на несоодветен начин и дека при неповолни временски услови може да дојде до загадување на околината“.
„Предлагаме ОЈО Битола да спроведе истрага и да поднесе обвинение за сторено кривично дело загадување на животната средина и на природата“ рече Иван Чулаковски од здружението „За нас се работи“, веднаш по поднесувањето на пријавата.
Патем, екологистите обвинуваат дека ЕЛЕМ како „наводно општествено одговорна компанија“ се однесува „неодговорно дрско и безобразно кон жителите од Пелагонискиот Регион, во кој спаѓа и градот Битола“, заради што, велат, ако биде потребно пријава ќе поднесат и до меѓународните судови.