Папата Фрањо нареди на кардиналите да им се намали платата за 10 отсто и во исто време да се намалат платите и на останатите свештеници, за да се спасат работните места на обичните вработени, затоа што пандемијата и корона вирусот ги погодија приходите на Светата Столица.
Фрањо често пати укажуваше на тоа дека не сака да има отпуштања.
Се претпоставува дека кардиналите кои работат во Ватикан и живеат таму или во Рим имаат месечни плати меѓу 4.000 и 5.000 евра и престојуваат во големи станови со многу помали кирии од реалните.
На останатите во службата, главно свештеници, платите ќе им бидат намалени меѓу 3 и 8 отсто. Програмираното зголемување на платите ќе биде запрено до април 2023 година.
Одредбите ќе се применуваат на повеќе лица од другите папски базилики, освен на базиликата Свети Петар во Ватикан.
„Светата Столица, централното управно тело на Католичката црква, можеби ќе мора да употреби 40 милиони евра од резервите, втора година по ред, заради тоа што пандемијата со Ковид-19 ги согорува финансиите“, изјави неодамна највисокиот економски службеник на Ватикан.
Оваа година се очекува дефицит од околу 50 милиони евра. Ватиканските музеи, традиционалниот извор на приходи, поради пандемијата затворени се веќе 15 месеци.