Вкупниот годишен обем на трансакции во криптовалути кои во 2021 година ги направија руските државјани изнесуваат пет милијарди долари, според најновите податоци на Централна банка на Русија.
Во најновиот извештај за финансиската стабилност, рускиот монетарен регулатор, повикувајќи се на анкета спроведена во јули меѓу најголемите домашни банки, наведе дека Русите се меѓу најактивните учесници на светските пазари на криптовалути, вклучувајќи ги и нивните активности на криптоберзата Бајнас (Binace), пренесува Раша тудеј.
Експертите од централната банка укажаа на ентузијазмот на инвеститорите кон новите технологии, како што се блокчејн, смарт договорите, децентрилизираните финансии и стејбл коините (дигитална валута што се потпира на државната валута, или на други криптовалути, или на злато).
Банката на Русија, меѓутоа, во извештајот истакна за постоење на големи ризици поврзани со крипто индустријата и порача дека мошне внимателно ќе го следи пазарот.
„Односот меѓу дигиталните валути и финансискиот сектор засега останува ограничен. Брзиот раст и широкото прифаќање на дигиталните валути би претставувале зголемен ризик како на глобално ниво, така и на рускиот финансиски пазар“, оценува Банката на Русија.
Во јуни оваа година, руската централна банка ги предупреди луѓето да се тргнат од активностите со криптовалути, напоменувајќи дека тоа е голем ризик, посебно за оние на кои им недостасува знаење за таа област.