Последните неколку дена, од Белата куќа во јавност протекоа неколку информации, па дури и транскрипти од телефонски разговори на новиот претседател на САД со други светски лидери.
Како е возможно тоа и за што се работи?
Една од работите што протекоа се и наводните транскрипти од телефонските разговори на Доналд Трамп со странските лидери. Така е откриено дека Трамп му спуштил слушалка на австралискиот премиер Малком Тернбул, што во медиумите е претставено како „најлош телефонски разговор до сега“.
Во траскриптот од разговорот со претседателот на Мексико, Енрике Нијета, кој е објавен, се наведува дека Трамп споменувал и оружје и испраќање на војска во Мексико, а тогаш од Белата куќа е речено дека „тоа било на шега“.
Колку луѓе имаат пристап до траскриптите од разговорите на претседателот на државата? Кој од неговите вработени би можел да помисли дека е добра идејата да ги објави?
Администрацијата. Официјалните лица. Тие не се луѓе кои му се противат на Трамп. Тоа се луѓе кои работат со него, дел се од неговиот тим и му помагаат да ја води земјата, пишува „Вашингтон пост“.
Од кои причини такви работи излегуваат во јавност?
Постојат две теории:
1.Трамп слуша само тогаш кога работите ќе се појават во медиумите. Дури и неговата советничка Келиен Конвеј во една прилика рече дека најдобриот начин да му се сврти вниманието е кога некој му се обраќа преку весниците или телевизијата. Манирите на однесување не ги смени ни по влегувањето во Белата куќа, па можеби тие протекувања на информации се начин да му се сврти вниманието дека кога така се однесува, кон светските лидери на пример, излегува лош во јавноста.
2.Постојат луѓе и постари официјални лица во администрацијата кои се плашат дека Трамп не дораснал за Белата куќа. Со избраниот материјал кој „протекува“ тие, наводно, се обидуваат да ја информираат јавноста што се случува во „куќата“.
Ниедна од тие две теории не е добра за Трамп. Тој е некој кој и во работата и во политиката се покажа како човек кој очекува апсолутна лојалност од луѓето со кои работи. Тоа сега го нема, а со оглед на неговиот темперамент, веројатно таквата ситуација го излудува.
Во оваа фаза од мандатот уште е рано за чистка на персоналот, но ако нешто Трамп покажа за две недели од мандатот е тоа дека не игра по воспоставените правила.