Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Џон Кери разговараа за решение за сириската криза на маргините на меѓународната конференција за медитеранските проблеми која се одржува во Рим.
„Лавров уште еднаш истакна дека клучен услов е одлучната борба против терористичките групи и потврдено е почитувањето на начелото за политичко речение кое е потврдено со Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН, низ инклузивен меѓусириски преговарачки процес“, се наведува со соопштението, пренесува Тасс.
Кери и Лавров разговарале и за други важни меѓународни прашања, како што е ситуацијата во Ирак, Либија и Јемен, се додава во соопштението.
„Се осврнаа и на прашања од билатералните односи кои сериозно трпеа како резултат на конфронтациските акции на администрацијата на Барак Обама“, истакнуваат од руското министерство.
Шефот на руската дипломатија, исто така, се состана и со кардиналот Пјетро Паролино, државниот секретар на Светата Столица, и со Пол Ричард Галагер, секретар за односи со државите во државниот секретаријат на Ватикан.
„Во текот на состанокот, страните изразија взаемно задоволство со состојбата на руско-ватиканските односи и разговарале за неколку релевантни билатерални прашања, вклучувајќи и соработка во културно-хуманитарната сфера“, се наведува во соопштението.
Исто така се вели дека страните посебно внимание посветиле на прашањата за решавање на кризните ситуации во светот, како и соработка во рамки на мултилатерален формат, посебно во ОН и ОБСЕ, за заштита на христијанското население во зоната на судирот и одбрана на христијанските вредности, наведува риската агенција.