Фудбалерите на Манчестер јунајтед ја забележаа првата победа оваа сезона во Лига Европа. Тие на свој терен ја совладаа екипата на украинска Зорија со 1:0, во второто коло од ова натпреварување.
Победа оствари и Фенербахче во дербито на колото со Феенорд со 1:0.
Најубедлив триумф забележа Зенит од Санкт Петерсбург над Аз Алкмар со 5:0.
Рома на домашен терен ја победи Астра со 4:0, додека Генк без проблеми го „помина“ Сасуоло со 3:1.
Манчестер јунајтед во текот на целиот натпревар ја имаше ситуацијата под контрола, но немаше којзнае колку шанси. „Црвените ѓаволи“ во првото полувреме имаа три идеални прилики да дојдат во водство но гостинската екипа успеа да се одбрани, а во продолжението ниедна ако не се смета голот на Златан Ибрахимовиќ.
Зорија можеше прва да дојде во водство, но голманот на Јунајтед, Серхио Ромеро, го одбрани ударот на Паулињо.
Во првото коло Манчестер загуби од Феенорд со 1:0 така што сега на првото место во групата е Фенербахче кој дома ја победи холандската екипа со идентичен резултат, после ремито со Зорија (1:1) во првото коло.
Натпреварот во Истанбул беше изедначен, но Фенербахче имаше повеќе шанси и славеше со голот на Емануел Еменике во 18 минута.
Зенит во првото коло на гости ја победи екипата на Макаби со 4:3, а вечерва за своите навивачи приреди вистинско „гол шоу“ и до врв ја наполни мрежата на Алкмар. Напаѓачите на Зенит постигнаа еден гол во првото и четири во второто полувреме, додека гостите на два пати ја затресоа мрежата на домаќинот, но головите и во двата случаја не беа признати поради офсајд.
Зенит има шест бодови и е прв во групата, пред Дундалк, кој на свој терен го победи Макаби со 1:0 и така го освои четвртиот бод.
Во останатите натпревари Атлетик Билбао дома го победи Рапид, така што сега, после победата на Генк над Сасуоло, сите четири екипи имаат по три бода.