Каков бараж за Светското фудбалско првенство во Катар. Многумина најпрвин беа изненадени како Португалците се мачат против Турција, бидејќи за малку не пропуштија предност од два гола (ривалот имаше и пенал, пред конечните 3:1), но најголемото чудо го приреди Македонија, која среде Италија, и без стандардните Тихомир Костадинов и Елиф Елмаз кои го пропуштија натпреварот заради „картони“, ги совлада „азурите“ со 1:0 во судиското надополнување на времето.
Можеби повеќето италијански фудбалери не знаеја кој е Александар Трајковски додека не заиграа против него во полуфиналето од баражот за Светското првенство, но Трајковски добро знаеше каде е и против кого игра.
Овој 29-годишен фудбалер четири години настапуваше токму на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо, пред да замине во Мајорка во 2019 година, а оттаму во Алборг, за да се „скраси“ во Саудиска Арабија, во тимот на Ал Феихе. Но, Палермо остана во неговото срце. По овој бараж меч тој ќе остане засекогаш запаметен.
Затоа што, токму Александар Трајковски, човекот кој како член на Палермо ја скрши ногата, и пресуди на големата фудбалска сила Италија во Палермо во 92-та минута. Вистина, на силата која, по претходниот Мундијал, ќе го пропушти и СП во Катар, сепак и понатаму фудбалски моќна. Но, не и доволно моќна за да ја спречи сензацијата на репрезентативците на Македонија – иако „азурите“ на овој меч имаа дури 32 удари (само четири во рамките на голот), а нашите фудбалери само четири. Македонските фудбалери покажаа дека победата што ја извојуваа не така одамна против Германија не е случајна и не само што им пружија добар отпор на избраниците на Роберт Манчини и беа рамноправен ривал, туку на крајот и ги совладаа.
А, на многумина им се чинеше дека ќе биде поинаку.
Доменико Берарди по само 20 минути игра ја имаше првата посериозна шанса. Се обиде, а неговиот удар беше изблокиран, веднаш потоа и Чиро Имобиле се обиде со шут, но и тој беше изблокиран. Се играше 30-та минута кога Берарди имаше одлична можност во шеснаесетникот на Македонија, а Столе Димитриевски одлично го одбрани неговиот удар. До полувремето се закани Чиро Имобиле, кој уште еднаш беше изблокиран.
Во вториот дел, многу повеќе возбудувања беа забележани на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо.
На Берарди „не му беше денот“. Во 58. минута прими добра топка во шеснаесетникот, а потоа ја испрати над голот. Фудбалерот на Сасуоло имаше уште две добри прилики, но двата пати Димитриевски излезе како победник. Во 79. минута Џакомо Распадори силно шутираше од работ на шеснаесетникот, но беше непрецизен.
А, потоа, кога сите ги очекуваа продолженијата – сензација.
Во третата минута од продолжението Александар Трајковски ги казни сите промашувања на противникот, од околу триесетина метри упати силен удар по земја кон голот на домаќините, а Џанлуиџи Донарума можеше само да поглед да го испрати влегувањето на топката во мрежата – 0:1.
Италија со тоа ќе го пропушти второто Светско првенство во низа, додека македонската селекција, овој пат со двајцата незаменливи, и со Костадинов и со Елмаз, ќе игра во финалето со Португалија на Драгау.
(Фото: Танјуг)