Она што долго се претпоставуваше доби потврда во италијанските медиуми. Како што пренесува „Тутоспорт“, Марио Манџукиќ (33) ги договорил условите за премин во англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед.
Веќе подолго време се знае дека епизодата на „Супер Марио“ во Јувентус практично е завршена. Маурицио Сари го прикова на клупата за резервни играчи, нема ниту еден официјален настап, а не го пријави ниту за натпреварите во Лигата на шампионите.
Манчестер Јунајтед сакаше да го доведе летово, но Манџукиќ правеше се за да остане во Јуве, да му покаже на Сари дека заслужува место меѓу најдобрите единаесетмина.
Манџукиќ сега мора стрпливо да чека уште три месеци до официјалното потпишување за „Црвените ѓаволи“. Со својата борбеност, се наведува во текстот на „Тутоспорт“, тој го освоил Солскјер, којшто сака итно да го доведе корпулентниот центарфор на Олд Трафорд.
„Летечката тврдина“, како што италијаните популарно го нарекуваа Манџукиќ, во дресот на Јувентус одигра 162 натпревари, постигна 44 голови и реализираше 24 асистенции.