„Италија ќе може да се справи со целосен прекин на испораките на гас од Русија на краток рок, но неговото отсуство би ја влошило ситуацијата во зимите што доаѓаат, па затоа треба да се размислува за други извори на снабдување“, изјави вчера доцна попладнето италијанскиот премиер Марио Драги.
„Дури и ако Русија следната недела го прекине снабдувањето, испораките на гас и алтернативниот увоз ќе бидат доволни за покривање на побарувачката, особено ако се има предвид дека таа обично паѓа со доаѓањето на потопло време“, рече Драги во парламентот.
„Меѓутоа, во отсуство на руски испораки, ситуацијата може да биде сложена во претстојните зими, па дури и во блиска иднина“, предупреди италијанскиот премиер.
„Италија работи на зголемување на испораките од другите земји производители на гас, како Алжир и Азербејџан, како и на зголемување на употребата на терминали за течен природен гас“, додаде тој.
Италијанската влада, посочи, исто така, била подготвена, доколку е потребно, привремено да го следи снабдувањето со гас на индустријата и секторот за производство на електрична енергија и привремено да ги врати во употреба постоечките електрани на јаглен и нафта.
Изјавите на Драги доаѓаат во време кога обемните западни санкции кон Русија поради нападот врз Украина се закануваат да го прекинат снабдувањето со енергија, поттикнувајќи стравувања од недостиг на гас, намалена потрошувачка на електрична енергија и зголемување на цените, забележува Ројтерс.
Италија, која користи гас за околу 40 отсто за производство на електрична енергија, повеќе од 90 отсто за потребите за тој енергенс ги задоволува преку увоз. Минатата година рускиот гас учествуваше со 40 отсто од вкупниот увоз на италијански гас. Иако снабдувањето со енергија досега санкциите главно го заобиколија, се стравува дека евентуалните пореметувања би можеле да ги зголемат цените на енергијата.
Драги, кој вети дополнителна поддршка за семејствата и за фирмите доколку е потребно за да се ублажи влијанието на високите сметки, рече дека во моментов нема знаци на прекин на доток на гас од Русија.
„Меѓутоа, важно е да се разгледаат сите можности, со оглед на ризикот од одмазда и можното дополнително заострување на санкциите“, рече премиерот.
„Треба да се прошири опсегот на добавувачи на енергија, без оглед на тоа што ќе се случи со испораките на руски гас на краток рок“, посочи тој.
„Не можеме толку многу да зависиме од одлуките на една земја. Во прашање е нашата слобода, а не само нашиот просперитет“, заклучи италијанскиот премиер.