Цената на биткоинот порасна ноќва за 10,2 отсто откако извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, напиша на Твитер дека овој производител на електрични автомобили во иднина би можел повторно да прифаќа плаќање за купување на автомобили со оваа криптовалута.
На тргувањето вчера во 23.09 часот по источноамериканско време, биткоинот зајакна за 10,2 проценти, на 38.903,23 долари, според податоците на „Коиндекс“.
Од почетокот на годината, најстарата дигитална монета на светот бележи раст за повеќе од 30 отсто, иако неговата моментна цена е далеку под историскиот рекорд од 64.829,14 долари, достигнат во април, извесува Си-Ен-Би-Си.
Најновиот раст следеше после вчерашната порака на Маск на Твитер дека „Тесла“ ќе продолжи да им овозможува на купувачите на возила плаќање со биткоини „кога ќе биде потврдно дека за негово копање се користат барем 50 отсто зелена енергија“.
„Тесла“ кон средината на мај го стопираше купувањето автомобили со биткоини, наведувајќи ја како причина загриженоста заради влијанието на копањето на криптовалутата на климата.
Копањето троши огромни количини енергија (главно произведени од фосилни горива) за напојување на моќни компјутери, а според „Кембриџ биткоин индексот’ потрошувачката на електричната енергија, копањето на оваа виртуелна валута троши повеќе струја отколку некои цели држави со големина како што се Финска и Белгија.