Министерството за внатрешни работи ги извршува наредбите кои ги добива од Обвинителството или од Судот, ние не можеме ниту да носиме одлуки, ниту да постапуваме без Обвинителство и Судот, изјави денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Прашан дали чувствува одговорност за бегството на Сашо Мијалков, министерот Спасовски рече дека МВР веднаш постапило со сите расположливи средства од моментот на добивање на информациите и дека одговорноста мора да ја бараме во непостоењето на целосниот систем, нагласувајќи дека тие како Министерство немале мерка со која лицето Сашо Мијалков ќе биде следен и чуван секаде каде што ќе се движи.
– Сега е моментот кога мора да ги насочиме сите сили да го најдеме бегалецот и да го соочиме со лицето на правдата. Бегањето од таа одговорност, носењето на оставка нема да ги реши проблемите, па чија сака нека е. Сметам дека треба да има детална истрага за целиот случај, доколку има било кој, што допринел за оваа ситуација за бегство, не да носи морална, треба да носи кривична одговорност, без разлика дали е министер или некој во службите, Судот или Обвинителството, изјави Спасовски.
Тој посочи дека ова треба да биде силен аларм до сите да се консолидира системот, бидејќи како што рече, доколку не се среди системот во РСМ и доколку имаме вакви сериозни пропусти, ќе имаме и други вакви настани.
– Да се знае точно за кои предмети, за какви предмети и под кои околности мора да се бараат мерките за притвор и токму врз основа на тоа да се дадат предлозите и понатаму да се носат, изјави Спасовски.
Во однос на тоа дали се сомнева дека постои крт во МВР, Спасовски рече дека се сомнева дека постои крт во било која од институциите кои долги години биле под режим.
– Тука не можеме да кажеме со сигурност дали кој тоа го прави. Тоа треба да го покаже истрагата, меѓутоа има сомнежи дека е можно да има во сите институции, кои се надлежни и низ кои минуваат сите овие одлуки, писма и т.н. да има можност на протекување на информациите, изјави Спасовски.
На прашањето како успеал да избега Сашо Мијалков кога бил следен и како тоа е дозволено, кој ја водел операцијата и дали нешто се менува во системот, по бегството на Никола Груевски, а претходно и на Никола Бошковски и Горан Грујовски, Спасовски рече дека системот се менува, но додаде дека е потребна и промена на свеста на индивидуите во тој систем.
-Дали се менува нешто во системот, се менуваат многу работи, знаете за многу реформи што се направени во МВР, се менуваат во делот на правосудниот систем, но прашањето е дали ние ќе го смениме нашиот ум во делот на постапувањето и на соодветен начин да поставуваме во вакви ситуации со криминалци кои имаат многу пари, имот надвор од државата, кои можат да го остварат овој начин на бегство. Ние како МВР не сме имале мерка со која тој ќе биде следен, чуван, секаде каде што се движи .
Во однос на овој предмет е изречена една мерка – одземање на патна исправа и да се јавува еднаш месечно пред судот. Дали можело да се бара притвор затоа што постојат сериозни индиции за ваков вид на криминалец, дека може да избега од државата, поседува имот надвор од државата. Во секој момент кога полицијата имала наредба да постапува, таа постапувала, нагласи Спасовски.
Министерот за внатрешни работи додаде дека АНБ не поседува информации дали Мијалков има двојно државјанство.