Советот за етика на медиумите во Македонија е затрупан со претставки и жалби за работата на медиумите.
Триесетина граѓани во февруари и март пријавиле ширење шпекулации, пропаганда и невистини, кои во контекст на зовриената политичка ситуација можат да ги засилат тензиите и да доведат до потенцијални немири во општеството.
Комуниколозите предупредуваат дека тоа е состојба што трае со години, но оти сега е особено чувствителен момент поради што е потребна поголема професионалност и здрав разум.
Од СЕММ велат дека состојбите во медиумите ескалирале последните неколку дена со влошувањето на политичката криза во земјава.
„Загрижувачки е начинот на информирање на медиумите во коишто се забележуваат новинарски извештаи со еднострано информирање и информации што ги подгреваат стравувањата за можни немири во општеството, содржејќи повици за мобилизација на граѓаните во служба на одбрана на интересите на определени политички партии“, реагираат во Советот.
Тие ги потсетуваат медиумите дека не смеат да бидат злоупотребени за пренесување повици за обединување на поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството, а особено на член 10 од Кодексот кој вели дека „новинарот нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа“.
„Медиумите имаат особено важна улога во заштитата на граѓаните од појавата на нетолеранција и недоверба и нивна изложеност на ризик од насилство“, сметаат во СЕММ.
Снежана Трпевска, професорка по медиумско право, вели дека аномалиите во работењето на одредени медиуми е констатирана со години, но оти нема волја да се дојде до позитивни промени.
„Имаме медиуми, кои се на некој начин гласноворници на партијата што се уште е на власт, кои се само пренесувачи на говорот на омраза. Во тие медиуми има недостиг од критички однос на она што ќе го изјават политичарите, дури и кога со нив се подгреваат тензиите. Главно станува збор за телевизии, кои имаат голем удел во гледаноста и влијаат врз креирањето јавно мислење“, анализира Трпевска.
Од Советот за етика во медиумите потенцираат дека граѓаните секојдневно им се жалат и бараат некаква реакција, но оти помал дел од нив се охрабруваат да напишат и да поднесат официјална претставка.
„Повикуваме на реакција и од другите институции, вклучувајќи ја Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Јавното обвинителство во осудата на ваквиот хушкачки и потпалувачки говор, како и во преземање на неопходните мерки во согласност со законската рамка“, апелираат од СЕММ.