Претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи поднесе оставка поради лошите резултати на партијата на вонредните парламентарни избори во Македонија.
Тачи неотповикливата оставка ја објави на Фејсбук.
„Управниот одбор ќе раководи со ДПА до вонредниот конгрес чија дата дополнително ќе биде објавена. Координатор на сите активности ќе биде Азем Садику“, напиша досегашниот лидер на партијата.
ДПА на вонредните парламентарни избори на 11 декември освои два пратенички мандати, додека во претходниот состав на Собранието на Македонија имаше седум.
Во последните две години во ДПА се случи раскол кога градоначалникот на Струга, Зијадин Села незадоволен од постапките на Тачи, се одвои и го формираше Движењето за реформи ДПА, кое како дел од коалицијата „Алијанса за
Албанците“ освои три пратеници.
Мендух Тачи беше на чело на ДПА од 2007 година, кога од лидерската функција се повлече Арбен Џафери.