Сивата економија и брзото менување на регулативите се најголеми проблеми за микро, малите и средните претпријатија во Македонија.
Фирмите тешко се прилагодуваат на законите за работни односи и за безбедност и заштита при работа, а пречки им се и правата и обврските од законите за даночна и царинска политика, животна средина и урбанизам, беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора,
„За подобро информирање на компаниите, но и за детектирање на нивните проблеми, почнуваме со т.н. инфо-сесии, вкупно 18, во десет градови низ Македонија. Стартот е в среда, на 22 март, со првиот информативен настан во Велес. Клучни сектори што ќе бидат опфатени со анализите се земјоделството, текстилот, градежништвото, ИКТ и туризмот“, рече Јадранка Аризанковска, виш советник во Комората.
Инфо-сесиите се дел од проектот на УСАИД што го спроведува „Епицентар Интернационал“ во партнерство со Стопанската комора на Македонија, Комората за информатичка и телекомуникациска технологија МАСИТ и Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Целна група се сите микро, старт-ап, мали и средни претпријатија, но не се исклучува можноста и за присуство на претставници од големи компании.
„Целта е двојна, подобра усогласеност на бизнисот со законската регулатива преку информирање и детектирање на промените кои фирмите би сакале да ги видат во соодветните регулативи“, истакна Љупчо Димовски, директор на „Епицентар Интернационал“.
Информативните настани ќе се одржат во Велес, Куманово, Тетово, Кавадарци, Битола, Струга, Охрид, Струмица, Штип и Скопје.