Екипата на МЗТ Скопје Аеродром го освои трофејот во Македонскиот кошаркарски куп, откако триумфираше вечерва во СРЦ „Кале“ над градскиот ривал Работнички со 77:69.
МЗТ Скопје фуриозно го започна 28. финале во кошаркарскиот Куп, кој од годинава го носи името „Благоја Георгиевски – Буштур“, и откако ја реши во своја корист првата четвртина со 23:12 замина полувреме со предност од плус девет поени (37:28).
Работнички на стартот на последната четвртина стигна на минус четири (51:55) и го донесе финалето во неизвесна завршница, но, на крајот немаше сили за целосен резултатски пресврт.
Најефикасен во редовите на МЗТ Скопје Аеродром беше македонскиот репрезентативец Дамјан Стојановски со 19 поени.
За МЗТ Скопје Аеродром ова е десетти трофеј во 14. Куп финале со што се израмни по бројот на пехари со вечниот ривал Работнички, кој загуби во своето 16. финале.
(Фото: МИА)