Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи и уште три други лица нелегално прислушувале дваесетина илјади граѓани. На „таргет“ им биле лидери на политички партии, новинари, политичари и бизнисмени.
„Уништени се темелните вредности на уставниот поредок. Меѓу 2008 и 2015 година прислушувани се повеќе илјади лица државјани на Македонија. Нарушена им е приватноста во секој поглед. Прислушувањето било правено од страна на лица вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање со средства сопственост на Република Македонија“, истакна меѓу другото, специјалниот обвинител Катица Јанева, во воведниот збор за новата истрага што ја отвори СЈО, насловена со кодно име – „Таргет“.
Никој, посочи обвинителката Јанева, нема да ме обесхрабри ниту може да влијае врз задачата што ми е доверена, што граѓаните ми ја дадоа, и нема да ме одврати од борбата против криминалот. Се чуствувам, вели таа, силна и цврста бидејќи на моја страна се Уставот, законите правдата и вистината. Тврдам дека никој нема да биде заборавен. Нема да молчам за ниту една неправилност. Криминалците мора да застанат пред судот на правдата.
Осомничените, според наводите од истрагата, искористувајќи ја службената положба и овластување потешко ги повредиле основните човекови права на прислушуваните граѓани.
Биле прислушувани 4286 телефонски броеви. На 1451 телефон, пак, била следена комуникација пред да биде издадена судска наредба, а и по истекот на времето наведено во судскиот документ.
Во употреба биле три различки системи за следење на комуникациите.
Доказниот материјал упатувал на сомневање дека во 2008 година три лица давале наредби на внесување на телефонси броеви без судска наредба.