Тренерот на фудбалскиот клуб Торино, Синиша Михајловиќ, побара од клупските челници да му доведат засилувања за да избори пласман во Европа и за таков потфат ги означи Џонатан Бијабијани од Интер и Хуан Итурбе од Рома.
Михајловиќ смета дека му се неопходни странични напаѓачи, иако екипата постигна 31 гол на 14 натпревари, па од спортскиот директор Џанлука Петраки побарал да му ги реализира споменатите два трансфери во јануари.
Како што пишува „Калчомеркато“, Итурбе би можел да дојде во Торино како позајмен играч, а Бијабијани со долгорочен договор.
Напаѓачкото трио Адем Љаиќ, Јаго Фалке и Андреа Белоти, е најдобриот дел од тимот на Торино, заедно дадоа 22 гола, но српскиот тренер смета дека му е потребна посилна конкуренција за „биковите“ да изборат место во Лига Европа.
Покрај тоа, секогаш постои можност Љаиќ да заигра зад напаѓачите.
Фудбалерите на Торино моментно се на добар пат кон зацртаната цел затоа што се шести на табелата во Серија А со 25 бодови.