Четвртиот бран на пандемијата зема се поголем замав. Почина 21-годишно момче во Тетово кое немало хронични заболувања.
Од Министерството за здравство апелираат младите да се вакцинираат за да не развиваат тешки форми на болеста, а од Лекарската комора, поради немање национални протоколи, побараа од надлежните институции и лекарските здруженија да споделуваат стручни совети за сите отворени прашања и дилеми за да може граѓаните да изградат став врз основа на точни факти, а не на дезинформации.
Според последната ковид статистика на Министерството за здравство, во земјава се регистрирани нови 1.166 случаи од направени 6.458 тестирања.
Починати се 29 лица, од кои најмладиот на 37-годишна возраст.
Бројот на активни случаи достигна 12.673.
Тетовскиот Ковид центар вчера соопшти дека починало 21-годишно момче кое било третирано со антивирална терапија по најновите протоколи за лекување, но оти неговиот организам бил отпорен на терапијата.
„По официјални анамнестички податоци што ги имаме, се работи за лице без никакви коморбидетети. Неофицијално, по претпоставка се сомневаат за некаков синдром, според искуството на лекарите“, изјави вчера коодинаторот на Ковид центарот д-р Гзим Нуредини.
Според Министерството за здравство, се повеќе млади се на удар на четвртиот бран на пандемијата и развиваат тешка клиничка слика. Апелираат младите да се вакцинираат.
„Потпирајќи се на природниот имунитет и добрата здравствена состојба, младите лица ја одбиваат или пролонгираат имунизацијата, со што се изложуваат на значително висок ризик од инфекција, а во случај на заразување сè почесто развиваат и тешки симптоми и компликации, бидејќи не се соодветно заштитени“, нагласуваат од Министерството за здравство, додавајќи дека ниската стапка на вакцинација во рамки на младите е причина за сè поголем број на заразени да бидат токму младите, кои доколку не се имунизирани, можат да развијат тешка форма на болеста, која може да доведе до хоспитализација, а некогаш и до смртен исход.