Талат Џафери, новиот претседател на македонското Собрание, во рамките на неговата прва посета на Брисел, денеска се сретна со Федерика Могерини, високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на Европската Унија.
Во дискусијата, Могерини ја повторила острата осуда на Европска Унија на минатонеделното насилство во Собранието кон пратениците и новинарите.
Таа го поздравила изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието од страна на парламентарното мнозинство, истакнувајќи дека тоа е улога која треба да биде над партиските и етничките политики.
Европската Унија, потенцирала Могерини, била подготвена да соработува со Џафери, со Собранието и со сите други институции за спроведување на реформските приоритети, како и за имплементацијата на Договорот од Пржино.
Меѓу другото нагласила дека Европската Унија очекува сите политички партии конструктивно да се вклучат во политичкиот процес, во формирањето на владата, како и во работата на новото Собрание.