Три лица се повредени вчера во Норчепинг, југозападно од Стокхолм, во жестоки судири меѓу полицијата и демонстрантите кои протестираат против плановите на крајнодесничарската партија јавно да го запали Куранот, соопшти шведската полиција.
„Полицијата испука предупредувачки истрели. Три лица најверојатно се ранети од рикошети и побарале лекарска помош“, информираа од полицијата.
Тројца ранети се уапсени под сомнение дека извршиле кривично дело, јавува Ројтерс.
Состојбата во Норчепинг вчеравечер беше мирна. Шведската премиерка, Магдалена Андерсон, го осуди насилството.
Од минатиот четврток пријавувани се конфликти во Стокхолм и во градовите Линкопинг и Норчепинг, но и на други локации каде десничарите од Страм Курс планирале или веќе ги организирале своите собири.
(Фото: Танјуг)